Македонија

СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА СО РУТЕ ВО БРИСЕЛ: Македонија ја потврди посветеноста кон НАТО, разговарале и за Украина

Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во рамките на посетата на Брисел. Разговарале за одбраната, Армијата и Украина.

СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА СО РУТЕ ВО БРИСЕЛ: Македонија ја потврди посветеноста кон НАТО, разговарале и за Украина

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на работната посета на Брисел, оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. На разговорот ја потврдила посветеноста на Македонија кон Алијансата и колективната одбрана, а било истакнато и значењето на сојузничкото единство и трансатлантската врска за безбедноста. Сиљановска-Давкова ја реафирмирала определбата за достигнување на целта за издвојување средства за одбраната согласно Хашкиот план.

Коридорите 8 и 10 дел од безбедносната стратегија на НАТО

Претседателката посочила дека Македонија континуирано вложува во модернизацијата на Армијата, сајбер-отпорноста, новите технологии и заштитата на критичната инфраструктура. Коридорите 8 и 10, според неа, не се само инфраструктурни проекти, туку стратешки правци важни за регионалната соработка и безбедносните интереси на НАТО и Европската Унија, особено во контекст на воената мобилност. Таа го поздравила и сертифицирањето на Лесната пешадиска баталјонска група како борбено подготвена, оценувајќи го тоа како потврда за професионалноста и способностите на македонската Армија.

Поддршка за Украина и европската интеграција

На средбата била реафирмирана и поддршката за Украина, со став дека е потребна континуирана политичка, воена, финансиска и хуманитарна помош. Сиљановска-Давкова нагласила дека праведен и траен мир мора да се темели на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации. Таа посочила и дека искуството од членството во НАТО треба да биде пример за доследно исполнување на високите сојузнички стандарди, како и на Копенхашките критериуми во процесот на европска интеграција.

Жан Митрев