Македонија
Дознај прв
Извештајот на Европската комисија за 2026 година: Македонија со потврдени успеси во надворешната политика, 100% усогласеност со ЕУ и без назадување во ниту една област

Најновиот извештај на Европската комисија за 2026 година потврдува конкретни резултати на Македонија на европскиот пат, со особено позитивни оценки за надворешната, безбедносната и одбранбената политика.
Надворешната политика повторно е меѓу најуспешните области во извештајот, со оценка „добар напредок“ и целосна, 100% усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Ова претставува значајна потврда за доследноста на македонската дипломатија, стратешката ориентација на државата и нејзината позиција како кредибилен и сигурен европски партнер.
Особено значајно е што Европската комисија не констатира назадување во ниту една од анализираните области. Напротив, извештајот регистрира конкретен напредок во повеќе важни сектори, вклучително и подобрени оценки во правосудството, дигиталната трансформација и образованието.
Македонија бележи добар напредок во три стратешки области: надворешната, безбедносната и одбранбената политика, науката и истражувањето и дигиталната трансформација. Станува збор за сектори од суштинско значење за меѓународниот углед, модернизацијата и долгорочниот развој на државата.
Дополнително, во повеќе преговарачки поглавја е зголемено нивото на подготвеност за членство во Европската Унија, што претставува позитивен показател за напредокот во европската интеграција.
Европската комисија позитивно го оценува и ангажманот во спроведувањето на Планот за раст, препознавајќи ја посветеноста на Владата во реализацијата на реформските обврски и искористувањето на можностите за забрзан економски развој.
Извештајот истовремено ги посочува областите во кои е потребна дополнителна реформска динамика. Владата останува посветена на исполнувањето на европските обврски, но за целосни резултати неопходен е и засилен ангажман на сите надлежни институции, особено на независните институции во правосудството.
Извештајот за 2026 година потврдува дека Македонија бележи конкретни успеси, ја зацврстува својата позиција како кредибилен европски партнер и продолжува со реформите без констатирано назадување во ниту една област.
Овие резултати се дополнителен поттик за продолжување на реформскиот процес, со јасна стратешка определба за полноправно членство во Европската Унија.

