Регион

ГЕРМАНСКИ „ДРЕКСЕЛМАЕР“ ЈА ЗАТВОРА ФАБРИКАТА ВО ЗРЕЊАНИН: Без работа ќе останат над 1.000 вработени

Германски „Дрекселмаер“ ја затвора фабриката во Зрењанин. Околу 85 проценти од вработените ќе бидат погодени, а компанијата има погони и во Македонија.

ГЕРМАНСКИ „ДРЕКСЕЛМАЕР“ ЈА ЗАТВОРА ФАБРИКАТА ВО ЗРЕЊАНИН: Без работа ќе останат над 1.000 вработени

Германската компанија „Дрекселмаер“ ќе ја затвори фабриката во индустриската зона во Зрењанин, Србија, до март 2027 година, соопшти раководството во известување до вработените. Компанијата, која произведува кабловски сетови за автомобилската индустрија, наведува дека не успеала да обезбеди нов проект за продолжување на производството во овој погон. Актуелните проекти ќе бидат запрени до крајот на јануари 2027 година, по што ќе следува затворање на фабриката.

Производството во Дрекселмаер ќе престане, најавени отпремнини за работниците

Во соопштението потпишано од претставниците на компанијата Гвидо Мајнелт и Тобијас Афсали се наведува дека биле вложени значителни напори за да се обезбеди одржлива иднина на фабриката, но тие не вродиле со резултат. Од раководството ветиле дека сите вработени ќе ги добијат договорените отпремнини согласно Програмата за технолошки вишок и Колективниот договор. Постепеното намалување на производството ќе влијае на околу 85 проценти од вработените.

Од 6.000 работници останале околу 1.100

„Дрекселмаер“ започнал со производство во Србија во 2008 година со 350 вработени, а во еден период бројот на работници достигнал 6.000. Во моментов во фабриката работат околу 1.100 лица. Компанијата има два производствени капацитети и во Македонија – фабриката во Кавадарци, отворена во 2008 година, и погонот во Куманово, отворен во 2021 година.

Жан Митрев