Македонија
Дознај прв
ПОЛИЦИСКИТЕ ВОЗИЛА ЌЕ БИДАТ МОБИЛНИ КАМЕРИ: Од 2027 година ќе снимаат прекршоци и на патиштата без „Сејф Сити“
Од 2027 година полициските возила ќе откриваат сообраќајни прекршоци и на патиштата без „Безбеден град“, најави Панче Тошковски.

Полициските возила ќе добијат уреди за откривање сообраќајни прекршоци и ќе функционираат како мобилни камери, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Новиот систем на контрола треба да започне во 2027 година, а ќе се применува особено на патиштата каде што нема поставено камери од системот „Безбеден град“. Голем број возила на МВР, вклучително и цивилните, ќе бидат опремени со уреди што ќе можат да регистрираат повеќе видови прекршоци, пред сè надминување на дозволената брзина.
Прекршоците автоматски ќе се внесуваат во системот
Тошковски посочи дека возачите веќе знаат каде се поставени фиксните камери и таму ги почитуваат сообраќајните правила, но на делниците без надзор често продолжуваат да возат несовесно. „Каде што има камера возиме така како што треба, а каде што нема камера повторно имаме поинаков тип на управување со моторно возило“, изјави министерот. Тој објасни дека прекршоците регистрирани од мобилните уреди директно ќе се внесуваат во електронскиот систем.
Тошковски: Возачите нема да знаат каде ќе бидат контролирани
Со новиот начин на контрола, возачите нема однапред да знаат каде може да бидат снимени и санкционирани. Целта е да се зголеми дисциплината во сообраќајот и да се намали бројот на прекршоци и на патиштата без фиксни камери. Тошковски засега не соопшти колку полициски возила ќе бидат опремени со ваква технологија.

