Македонија
Дознај прв
ТЕШКА НОЌ КАЈ КРУШЕВИЦА: пожарот и натаму активен, огнот се шири кон две села
Пожарот кај Крушевица и натаму е активен и се шири кон Зовиќ и Крушевица. Во Македонија во едно деноноќие се регистрирани 37 пожари.

Пожарникарите успеале да го оддалечат огнот од селото
Тешка и ризична била борбата со пожарот во непосредна близина на прилепското село Крушевица, каде пожарникарите и екипите на терен во текот на ноќта се бореле со огнената стихија. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека екипите успеале да го сопрат огнот и да го повлечат под патот, со што била намалена опасноста за селото. Сепак, според утринските информации од Центарот за управување со кризи, пожарот останал активен и се движи во два крака. Едниот крак се движи кон селото Зовиќ, а другиот кон Крушевица.
Активни уште два пожари, регистрирани 37 во едно деноноќие
Покрај пожарот во регионот на Чаниште, во моментов активни се уште два пожари. Мешана шума гори во општина Студеничани, во регионот на селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, додека во Македонски Брод гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки кај местото „Видуш“, како и кај селата Драгов Дол и Локвица. ЦУК информира дека во изминатото деноноќие биле регистрирани вкупно 37 пожари на отворен простор, од кои три останале активни, еден бил ставен под контрола, а останатите биле изгаснати.
