Регион
Дознај прв
(ВИДЕО) 98.500 ЛАЖНИ ЕВРА СОШИЕНИ ВО ЈАКНА: Македонски тинејџер во притвор во Бугарија
19-годишен македонски државјанин е во притвор во Бугарија, откако на „Капитан Андреево“ бил пронајден со 685 фалсификувани евробанкноти скриени во јакна.

Фалсификуваните евра биле скриени во поставата на јакната
Деветнаесетгодишниот македонски државјанин Хамза Дарлишта останува во притвор во Бугарија, откако бил уапсен на граничниот премин „Капитан Андреево“ со 685 фалсификувани евробанкноти во вкупна номинална вредност од 98.500 евра. Според бугарските медиуми, во поставата на неговата јакна биле сошиени 300 банкноти од по 200 евра и 385 банкноти од по 100 евра. Младиот Македонец пред истражните органи изјавил дека не знаел дека парите се фалсификувани. Обвинителството тврди дека кратко претходно влегол во Турција, каде ја облекол јакната со скриените банкноти.
Судот проценил дека постои опасност од бегство
При проверката на неговиот мобилен телефон, истражителите наводно пронашле фотографии од слични фалсификувани банкноти, направени претходно во текот на годината. Адвокатот побарал да биде пуштен со парична гаранција, но судот во Хасково го прифатил барањето на обвинителството за притвор, наведувајќи основано сомнение и опасност од бегство. Одлуката може да се обжали пред Апелацискиот суд во Пловдив. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна од две до осум години.
