Хроника
Дознај прв
(ВИДЕО) Охридското Езеро прогласено за европска дестинација број 1 – Македонија има со што да се гордее
„Тајм аут“ го прогласи Охридското Езеро за најубаво место во Европа за 2026 година, пред бројни познати европски дестинации.

Охридското Езеро е прогласено за најубаво место во Европа за 2026 година според патеписците на познатото списание „Тајм аут“. Дестинацијата на границата меѓу Македонија и Албанија е издвоена поради кристално чистата вода, планинските пејзажи и историските градови и села покрај брегот. Особено внимание е посветено на Охрид, чија препознатлива панорама со старите цркви и куќи со црвени покриви остава силен впечаток.
Алтернатива на познатото езеро Комо
„Тајм аут“ го опишува Охридското Езеро како помирна и подостапна алтернатива на италијанското езеро Комо, кое е познато по луксузните вили и големиот број туристи. Покрај природните убавини, регионот има огромно историско и културно значење и е под заштита на УНЕСКО. Езерото е старо меѓу два и три милиони години, а неговата максимална длабочина достигнува околу 289 метри.
Охридското Езеро е многу повеќе од туристичка дестинација
Во листата на „Тајм аут“ покрај Охридското Езеро се најдоа и други познати европски локации, меѓу кои Џајантс Козвеј во Северна Ирска, Алберобело во Италија, Почитељ во Босна и Херцеговина и норвешките фјордови. Изборот е направен врз основа на искуствата на патеписци и локални уредници, а не само според популарноста на дестинациите. Признанието претставува уште една силна туристичка промоција за Охрид и Македонија на меѓународната сцена.
View this post on Instagram
