Македонија

ВО НЕДЕЛА СЕ МЕНУВА ВРЕМЕТО: Стрелките се враќаат еден час

Канадски истражувачи велат дека трајното стандардно време може подобро да го усогласи биолошкиот ритам со природната светлина. Во недела се враќа зимското време.

ВО НЕДЕЛА СЕ МЕНУВА ВРЕМЕТО: Стрелките се враќаат еден час

Зимското, односно стандардното сметање на времето, може да биде поповолно за здравјето од трајното летно време, заклучуваат канадски истражувачи во анализа објавена во списанието „Canadian Medical Association Journal“. Тие разгледале научни истражувања за спиењето, биолошкиот ритам и расположението, како и искуства од земји што го укинале сезонското поместување на часовникот. Една од главните причини е утринската светлина, која му помага на организмот да го усогласи внатрешниот часовник со природниот циклус на денот и ноќта.

Трајното летно време може да го наруши биолошкиот ритам

Ако летното сметање на времето остане и во зимските месеци, сонцето би изгревало еден час подоцна. Тоа значи дека луѓето кои рано одат на работа или на училиште би започнувале дел од денот во темнина, што може да влијае врз ритамот на спиење и квалитетот на одморот. Истражувачите, сепак, нагласуваат дека анализата укажува на можни здравствени придобивки, но не докажува дека зимското време само по себе спречува или лекува заболувања. И Американската академија за медицина на спиењето поддржува трајно стандардно време и укинување на сезонското менување на часовникот.

Во недела се враќа зимското сметање на времето

Кај нас летното сметање на времето завршува во недела, на 25 октомври. Во 3 часот по полноќ стрелките на часовникот ќе се поместат еден час наназад, односно ќе покажуваат 2 часот. Со тоа започнува зимското сметање на времето, а граѓаните ќе добијат еден час дополнителен сон таа ноќ.