Македонија
Дознај прв
ЗУЛФИЌАР ЗЕЈНУЛА ИЗБРАН ЗА МИНИСТЕР БЕЗ РЕСОР: Заврши реконструкцијата на Владата
Собранието со 67 гласа „за“ го избра Зулфиќар Зејнула за министер без ресор, со што официјално заврши реконструкцијата на Владата.

Зулфиќар Зејнула е избран за нов министер без ресор во Владата, откако Собранието му даде поддршка со 67 гласа „за“. Против неговото именување гласале 13 пратеници, додека воздржани немало. Со изборот на Зејнула официјално завршува реконструкцијата на владиниот состав.
Засега не се познати неговите надлежности
Сè уште не е соопштено кои конкретни надлежности или области ќе му бидат доверени на новиот министер без ресор. Зејнула е лидер на Демократската партија на Турците, која на 10 јули склучи договор за политичка соработка со ВМРО-ДПМНЕ и стана дел од коалицијата „Твоја Македонија“. По приклучувањето на партијата, пратеничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ брои 59 пратеници.
Мицкоски: Пошироко политичко партнерство
Премиерот Христијан Мицкоски пред пратениците изјави дека предлогот произлегува од определбата за пошироко политичко партнерство и заедничка одговорност во работата на Владата. Зејнула од 2021 до 2024 година бил заменик-директор на Дирекцијата за заштита и спасување, а претходно работел како советник во Општина Гостивар и во правниот сектор на својата партија. Тој е дипломиран криминалист на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола.
