Регион

УБИЕН ПОЗНАТИОТ БУГАРСКИ БИЗНИСМЕН СЛАВИ БИНЕВ: Тројца осомничени се приведени во Софија

Познатиот бугарски бизнисмен и поранешен европратеник Слави Бинев е застрелан во Софија. Полицијата привела тројца осомничени за убиството.

УБИЕН ПОЗНАТИОТ БУГАРСКИ БИЗНИСМЕН СЛАВИ БИНЕВ: Тројца осомничени се приведени во Софија

Познатиот бугарски бизнисмен и поранешен европратеник Слави Бинев е застрелан во Софија. Во врска со убиството, полицијата привела три лица, соопшти Дирекцијата за внатрешни работи на Софија.

Бинев бил застрелан во Софија

Според информациите на БГНЕС, Бинев бил застрелан во главниот град на Бугарија. Полицијата го истражува убиството, а на местото на настанот биле испратени полициски екипи по пријава преку бројот за итни случаи 112.

Од софиската полиција информирале дека повикот бил примен во 10:18 часот, со пријава за застрелано лице. На адресата биле затекнати три лица, за кои, според првичните информации, се знаело дека често го посетувале Бинев и дека биле кај него и претходниот ден.

Осомничените биле пресретнати надвор од Софија

Според главниот секретар на бугарското Министерство за внатрешни работи, Љубомир Николов, сведок слушнал истрел, а потоа забележал како лицата го напуштаат местото со автомобил.

По преземените мерки, возилото било забележано како ја напушта Софија. Тројцата осомничени биле пресретнати во близина на тунелот „Трајанови врати“, на 54-тиот километар, и приведени со полициска акција за блокирање на автомобилот.

Меѓу приведените, според полицијата, има две лица со турски имиња и едно лице со бугарска лична карта.

Бинев бил европратеник и успешен спортист

Славчо, познат како Слави Пенчев Бинев, е роден на 10 декември 1965 година во Софија. Тој бил спортист, претприемач и политичар, а во теквондото ја освоил титулата апсолутен европски шампион на првенството во 1992 година во Целје, Словенија.

По спортската кариера работел како меѓународен судија, тренер и спортски администратор, а бил и претседател на Бугарската олимписка теквондо федерација и потпретседател на Европската теквондо унија.

Во политиката влегол во 2007 година, кога бил избран за европратеник од листата на партијата „Атака“. Во 2009 година освоил и втор мандат. Во 2014 година бил избран за пратеник во бугарското Народно собрание, каде што првично ја предводел Комисијата за култура и медиуми, а подоцна и Комисијата за деца, млади и спорт.

Во текот на 1990-тите и почетокот на 2000-тите, Бинев развивал деловни активности во областа на безбедноста, градежништтвото и индустријата за забава.