Регион
Дознај прв
(ФОТО) „НИТУ ЕДНА ПОВЕЌЕ“ МОЖЕШЕ ДА СЕ ПРОЧИТА И НА МАКЕДОНСКИ ВО СОЛУН: Протести против насилството врз жените во Скопје, Солун и Софија

На Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, 25 ноември, протестни собири и маршеви се одржаа во Скопје, Солун и Софија, со заедничка порака против насилството врз жените и девојчињата. Особено внимание привлече фотографија од протестот во Солун, на која се гледа транспарент со пораката „Ниту една повеќе“, испишана на македонски јазик, со кирилично писмо. Пораката, која е препознатлива и во Македонија, беше дел од протестната поворка во грчкиот град, каде што денеска беа организирани собири на плоштадот Камара и кај споменикот на Венизелос, со повици против родовото насилство и патријархатот.
Во Скопје, протестот на Движењето за слобода и правда на жените „Ниту една повеќе“ започна со едноминутно молчење во спомен на жените и девојките кои ги загубија животите како последица на насилство, по што учесниците маршираа низ центарот на градот и пристигнаа пред Министерството за внатрешни работи. Таму активистите поставија симболичен гроб и споменик со имињата на жртвите на фемицид, а до институциите упатија шест барања, меѓу кои итни законски измени и обезбедување финансиски средства за специјализирани услуги за поддршка на жртвите, со рок за исполнување до 10 декември.
Протест се одржа и во Софија, каде што стотици граѓани се собраа пред Судската палата под слоганот „Нито една повече“, а организаторите побараа отворање кризисни центри во сите области на Бугарија, единствена официјална статистика за насилството и подобар пристап до правна и психолошка помош. Протестни маршеви по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените беа најавени и во други бугарски градови, меѓу кои Пловдив, Бургас, Стара Загора, Трјавна и Велико Трново. Регионот е обединет – СТОП ЗА НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ!

