Македонија
Дознај прв
УАПСЕНИ БРАТОТ И СОРАБОТНИЧКАТА НА СОПСТВЕНИКОТ НА „АЛТА БАНКА“: Истрага за исчезнати 390 милиони евра
Во Србија се уапсени Дубравко Мацура и Татјана Бундало во истрагата за сомнително извлекување 390 милиони евра од „Алта банка“.

Истрагата за финансискиот скандал во „Алта банка“ доби нов развој, откако утрово беа уапсени Дубравко Мацура, брат на сопственикот на банката Давор Мацура, и Татјана Бундало, директорка на „Алта Пеј Груп“. Апсењата се извршени по наредба на Јавното обвинителство за организиран криминал, објави српски „Телеграф“. Двајцата се осомничени за директна вмешаност во подигање големи суми пари од трезорот на банката. Дубравко Мацура треба да биде сослушан во обвинителството, по што ќе се одлучува дали ќе му биде одреден притвор, додека сослушувањето на Бундало сè уште не е закажано.
Обвинителството се сомнева во финансиска штета од 390 милиони евра
Новите апсења се продолжение на истрагата во која претходно беа приведени сопственикот Давор Мацура, директорот на одделот за благајна и управување со готовина и уште еден соработник. Според сомневањата на обвинителството, банката била оштетена за повеќе од 45 милијарди динари, односно околу 390 милиони евра. Истрагата опфаќа механизам со физичко изнесување готовина, но и фиктивно евидентирање приходи кои наводно никогаш не стигнале до трезорот.
17 милиони евра физички изнесени од Алта банка, останатите фиктивно евидентирани
Според документацијата на обвинителството до која имал пристап истражувачкиот портал КРИК, околу 17 милиони евра биле физички изнесени од банката без соодветна писмена трага во деловните книги. Останатите околу 370 милиони евра, според сомневањата, потекнувале од приходите на менувачницата „Алта Пеј“ и биле лажно евидентирани како уредно доставени во банкарскиот трезор. Сопственикот на банката, Давор Мацура, наводно ги задржувал овие средства за себе, а истрагата треба да ги утврди улогите на сите осомничени во финансискиот механизам.

‹ ПРЕТХОДНА ВЕСТ
ТРАМП ПОДГОТВУВА НОВИ ЦАРИНИ: На удар увозот од ЕУ, Кина, Јапонија и уште 14 држави
СЛЕДНА ВЕСТ ›
ФРЧКОСКИ ДЕНЕС НА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ - А во 2008 година неговата сопруга беше обвинета дека влечела жена за коса, додека тој доби пријава за напад на нејзиниот партнер
