Македонија

АЛТА БАНКА ГИ ОЛАБАВУВА ОГРАНИЧУВАЊАТА ЗА ФИРМИТЕ: Од денеска неограничен пристап до новите приливи

Правните лица со сметки во Алта банка од денеска неограничено ќе располагаат со новите приливи од други банки, но останатите лимити остануваат во сила.

АЛТА БАНКА ГИ ОЛАБАВУВА ОГРАНИЧУВАЊАТА ЗА ФИРМИТЕ: Од денеска неограничен пристап до новите приливи

Правните лица кои имаат сметки во „Алта банка“ – Битола од денеска ќе можат без ограничување на износот да располагаат со новите приливи на своите сметки. Ова се однесува на средствата префрлени од платежни сметки отворени во други банки и кај други даватели на платежни услуги, информира Народната банка. Мерката е дел од активностите за проширување на пристапот на клиентите до сопствените средства. Физичките лица и досега имаа можност целосно да располагаат со новите приливи од други банки, вклучително и платите, пензиите и социјалните трансфери.

Ограничувањата за останатите трансакции остануваат

И покрај новата мерка, продолжуваат да важат ограничувањата за останатите трансакции. Клиентите со платежни картички можат да располагаат со најмногу 15.000 денари неделно, додека за оние без платежни картички лимитот е 20.000 денари во период од две недели. Ограничувањата се однесуваат збирно на сите сметки и канали за плаќање и повлекување средства.

Продолжуваат да работат четири експозитури

Филијалите на „Алта банка“ во Струмица, Тетово и Прилеп, како и експозитурата во скопскиот Трговски центар „Бисер“, продолжуваат со работа. Клиентите таму можат да подигаат готовина во рамките на утврдените лимити и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби. Од Народната банка информираат дека внимателно ја следат состојбата и продолжуваат со активности за олеснување на пристапот на клиентите до нивните средства и непречено извршување на платежните услуги.

ОЗНАКИ: АЛТА Банка
Жан Митрев