Спорт

ШЕСТ ГОДИНИ ОД СМРТТА НА МАРАДОНА: Фудбалскиот генијалец чии потези го оставија светот без здив

На 25 ноември се навршуваат шест години од смртта на Диего Марадона, аргентинскиот фудбалски генијалец и автор на легендарниот гол на векот.

ШЕСТ ГОДИНИ ОД СМРТТА НА МАРАДОНА: Фудбалскиот генијалец чии потези го оставија светот без здив
Diego Maradona of Argentina celebrates with the cup at the end of the 1986 World Cup soccer final in Mexico City. AP Images

Пред точно шест години, на 25 ноември 2020 година, почина Диего Армандо Марадона, еден од најголемите фудбалери во историјата. Човекот кој со својата магија на теренот ги воодушевуваше навивачите ширум светот, беше подеднакво познат и по бурниот живот надвор од фудбалот. Роден на 30 октомври 1960 година во Ланус, Аргентина, Марадона израснал во сиромашната населба Виља Фиорито, каде уште како момче играл фудбал по улиците. Неговиот талент го однесе во клубови како Бока Јуниорс, Барселона и Наполи, каде што стекна статус на вистинска легенда.

„Божјата рака“ и голот на векот

Еден од најпознатите моменти во неговата кариера се случи на Светското првенство во 1986 година, во четвртфиналниот натпревар против Англија. Марадона прво го постигна контроверзниот гол со рака, познат како „Божјата рака“, а само четири минути подоцна ја воодушеви светската јавност со неверојатен соло-продор и погодок, кој подоцна беше прогласен за гол на векот. Аргентина го доби натпреварот со 2:1, а на крајот ја освои и светската титула. Токму во Аргентина и во Неапол, Марадона беше многу повеќе од фудбалер – за милиони луѓе претставуваше симбол на надеж и идол.

Животот на Марадона исполнет со успеси, но и со контроверзии

По завршувањето на играчката кариера, Марадона се соочи со сериозни лични проблеми, вклучително и зависност од дрога и алкохол, но продолжи да биде присутен во фудбалот и како тренер. Од 2008 до 2010 година ја предводеше аргентинската репрезентација, а во тренерската кариера работеше и во неколку клубови во Јужна Америка, Европа и на Блискиот Исток. И покрај скандалите и турбулентниот живот, неговото фудбалско наследство остана огромно. „Најмногу се гордеам со тоа што ги правев луѓето среќни преку фудбалот“, изјави Марадона во едно интервју, сумирајќи го односот кон спортот што го направи светска икона.

Жан Митрев