Спорт
Дознај прв
ЗА ДЕСЕТИНА ДЕНА ПОЧНУВА ПОВРЗУВАЊЕТО НА ТУНЕЛОТ ПОД „ЛИМАК“
Тунелот под Лимак ќе почне да се поврзува за десетина дена, најави Орце Ѓорѓиевски. Жичарата на Водно летово останува затворена.

За десетина дена треба да започнат работите за поврзување на тунелот под „Лимак“, со што Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека во наредните десетина дена започнува втората фаза од проектот, односно спојувањето на тунелите во делот од Центар кон Кисела Вода. Според него, ова е еден од проектите кои биле закочени во изминатите години, а сега се придвижуваат.
Ѓорѓиевски најави дека наскоро треба да биде пуштен и мостот „Генерал Михајло Апостолски“, посочувајќи дека се решени клучните експропријации кои биле потребни за да се овозможи движење на возила и мостот да стане функционален.
Меѓу проектите што се реализираат ги спомена и Момин Поток, булеварот „Борис Трајковски“, мостот на „Љубљанска“, како и активности за средување на делот кон Водно.
Градоначалникот се осврна и на проектот „Градски воз“, за кој рече дека се работи на адаптирање на линиите во соработка со службите на Град Скопје, ЈСП, Министерството за транспорт и Железници транспорт. Целта е граѓаните да добијат побрз и поефикасен превоз, со подобро поврзување до железничките станици.
Од друга страна, жичарата на Водно летово ќе остане затворена. Ѓорѓиевски најави дека наскоро ќе има тендерска постапка за целосно сервисирање на жичницата и порача дека нема да биде пуштена во функција додека не биде целосно безбедна за граѓаните.
