Македонија
Дознај прв
ЗДРАВСТВЕНАТА ГРИЖА ЗА ПОВРЕДЕНИТЕ ВО КОЧАНИ ПРОДОЛЖУВА: Израелските хирурзи и домашните лекари извршија 16 операции
Израелскиот тим од медицинскиот центар „Шиба“ и македонските лекари извршија 16 операции и 24 специјалистички прегледи за повредените во Кочани.

Здравствените власти најавуваат долгорочна грижа за повредените во трагедијата во Кочани. Министерството за здравство ги презентираше резултатите од еднонеделната работа на медицинскиот тим од израелскиот медицински центар „Шиба“, заедно со македонските лекари. Во текот на неделата биле извршени 24 специјалистички прегледи и вкупно 16 операции, со фокус на реконструкција и зачувување на функцијата на шаките и рацете.
16 операции во Кочани и Скопје
Од вкупно 16 операции, десет биле извршени во Општата болница во Кочани, а шест на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје. Израелските хирурзи работеле заедно со домашните медицински тимови, а реконструктивните интервенции биле насочени кон враќање на функцијата и подвижноста на рацете кај повредените. Од Министерството изразија благодарност до лекарите од медицинскиот центар „Шиба“, како и до македонските хирурзи, анестезиолози и медицински сестри.
Грижата продолжува и по операциите
Работната група на Министерството за здравство, предводена од д-р Гордана Георгиева, ги координира активностите за потребите на повредените, од проценката на состојбата до рехабилитацијата на секој пациент. Од Министерството нагласуваат дека грижата не завршува со операцијата, туку продолжува преку редовни контроли, медицинска нега и рехабилитација. Пораката на здравствените власти е дека поддршката за повредените ќе биде долгорочна.

