Македонија

ИЗРАЕЛСКИ ХИРУРЗИ ПОВТОРНО ВО МАКЕДОНИЈА: Тимот од болницата „Шеба“ ќе им помага на повредените од Кочани

Тројца хирурзи од медицинскиот центар „Шеба“ пристигнаа во Македонија. Ќе ги проценат состојбите и ќе вршат интервенции кај повредените од Кочани.

ИЗРАЕЛСКИ ХИРУРЗИ ПОВТОРНО ВО МАКЕДОНИЈА: Тимот од болницата „Шеба“ ќе им помага на повредените од Кочани

Тим од врвни хирурзи од медицинскиот центар „Шеба“ од Тел Авив, Израел, повторно пристигна во Македонија за да им помогне на повредените во трагедијата во Кочани. Лекарите претпладнево пристигнаа на скопскиот аеродром, а во земјава ќе престојуваат во текот на оваа недела. Тимот ќе направи проценка на состојбата на пациентите, по што ќе следуваат медицински интервенции во Кочани и Скопје, заедно со домашните медицински екипи.

Тројца специјалисти од медицинскиот центар „Шеба“

Тимот го сочинуваат д-р Моти Харац, директор на Националниот центар за изгореници и експерт за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Матан Шерф, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија и хирургија на рака, како и д-р Тал Канфино Кац, ортопедски и реконструктивен хирург. Д-р Харац и д-р Канфино Кац беа во Македонија и непосредно по трагедијата, кога израелскиот тим работеше заедно со македонските лекари. Сега се враќаат за да ја продолжат грижата за повредените.

Интервенции во Кочани и Скопје

Првично ќе биде направена проценка на здравствената состојба на пациентите, а потоа ќе се утврди какви интервенции се потребни. Од медицинскиот центар „Шеба“ доаѓаат специјалисти со искуство во лекување тешки изгореници, реконструктивни операции и повреди на екстремитетите. Според објавените информации, „Шеба“ во 2026 година е рангирана на седмото место меѓу најдобрите болници во светот на листата на магазинот „Newsweek“.