Македонија
Дознај прв
ЛИЧНАТА КАРТА И ВОЗАЧКАТА ДОЗВОЛА НА ТЕЛЕФОН: Промовирана апликацијата „м-Услуги“
Промовирана е апликацијата „м-Услуги“, преку која личната карта и возачката дозвола ќе бидат достапни и на мобилен телефон.

Од денеска, граѓаните ќе можат да ги имаат личната карта и возачката дозвола на својот мобилен телефон преку новата апликација „м.Услуги“, која ја промовираше Министерството за дигитална трансформација. Апликацијата е бесплатна, а нејзиното користење е доброволно. Таа треба да овозможи пристап до дигитален идентитет, електронски документи, јавни услуги и известувања на едно место. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, за време на презентацијата ја активираше апликацијата и ја додаде својата електронска лична карта во дигиталниот паричник.
Документите ќе бидат на апликацијата м.Услуги
Андоновски појасни дека дигиталната лична карта не е обична фотографија или PDF-документ, туку електронска верзија на документот во мобилниот телефон. Една од функционалностите овозможува селективно споделување податоци, односно корисникот да ја потврди својата возраст без да ја открива адресата или другите лични податоци. Со ова, апликацијата треба да овозможи поголема контрола врз информациите што граѓаните ги споделуваат.

Во следните фази се планираат и плаќања
„м.Услуги“ претставува дополнителен начин за користење на јавните услуги, но не ги укинува досегашните начини на комуникација со институциите. Граѓаните и понатаму ќе можат да ги користат постојните канали за административни услуги, додека дигиталната платформа треба постепено да добива нови функционалности. Во следните фази е предвидено да бидат интегрирани и можности за плаќање.
