Македонија

НАРОДНАТА БАНКА ЈА ПРЕЗЕДЕ АЛТА БАНКА: Илија Андовски ќе ги потпишува одлуките на привремената администрација

Тројца администратори од Народната банка го преземаат управувањето со Алта банка Битола. Илија Андовски е главен потписник на одлуките.

НАРОДНАТА БАНКА ЈА ПРЕЗЕДЕ АЛТА БАНКА: Илија Андовски ќе ги потпишува одлуките на привремената администрација

Тројца вработени во Народната банка – Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска, се именувани за администратори во „Алта банка“ АД Битола, со што управувањето со банката преминува во рацете на централната банка. Андовски е посебно овластен да ги потпишува одлуките што ќе се носат во периодот на привремената администрација. Ова е предвидено во решението на Извршниот одбор на Народната банка, објавено во „Службен весник“, објави „Фактор“, со кое на 1 ноември е воведена администрација поради околности кои можат сериозно да ја загрозат солвентноста на банката.

Администраторите ги преземаат надлежностите на управните органи на Алта Банка

Со именувањето, досегашните органи на управување и надзор ги губат своите надлежности, кои преминуваат кај тројцата администратори. Тие ги преземаат овластувањата на Управниот и Надзорниот одбор, како и на Собранието на акционери, со исклучок на одлучувањето за зголемување на капиталот. Администраторите добиваат пристап до деловните простории, имотот, трговските книги и целокупната документација, а во случај да бидат спречени во извршувањето на задачите, предвидена е можност за вклучување на полицијата. Андовски е долгогодишен кадар на Народната банка, а според податоците од мај 2025 година бил директор на Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање.

Рок од 21 ден за извештај за состојбата во банката

Тројцата администратори имаат рок од 21 ден од именувањето да ја утврдат целокупната состојба во банката и да достават извештај до Извршниот одбор на Народната банка. Привремената администрација е воведена за период од три месеци, а сите плаќања за општите и административните трошоци ќе може да се реализираат само со одобрение и потпишан налог од администраторите. Мерката следува откако на „Алта банка“ Белград ѝ беше одземена дозволата за работа, а потоа беше повлечена и согласноста за нејзиното квалификувано учество во македонската банка. Гувернерот Трајко Славески претходно соопшти дека е формиран тим од седуммина вработени за следење на работењето на банката и дека сопственикот од Белград бил известен да ги стави акциите на продажба, во спротивно тие ќе бидат понудени на аукција.

Извор и целата вест – фактор

ОЗНАКИ: АЛТА Банка