Спорт

(ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО) ФУДБАЛСКА ТРАГЕДИЈА ВО ШПАНИЈА: Фудбалер на Тенерифе почина по судир со противничкиот голман

Трагична вест од Шпанија: 30-годишниот Хесус де Мигел од Тенерифе почина по тежок судир со голманот на Андора на натпревар од втората лига.

(ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО) ФУДБАЛСКА ТРАГЕДИЈА ВО ШПАНИЈА: Фудбалер на Тенерифе почина по судир со противничкиот голман

Шпанскиот фудбал е завиен во црно по трагичната смрт на 30-годишниот Хесус де Мигел, напаѓач на Тенерифе, кој им подлегна на повредите здобиени при тежок судир со голманот на Андора за време на натпревар од втората шпанска лига.

Кобниот судир го прекина натпреварот

Инцидентот се случил во завршницата на натпреварот меѓу Тенерифе и Андора, при резултат 2:2. Голманот на гостинскиот тим, Хесус Овоно, излегол далеку од својот гол за да интервенира по една долга топка, при што силно се судрил со Де Мигел.

Фудбалерот на Тенерифе паднал на теренот и останал неподвижен, по што играчите веднаш побарале лекарска помош. Медицинските екипи неколку минути му укажувале помош на теренот, а потоа со амбулантно возило бил пренесен во болница.

Голманот Овоно добил директен црвен картон за интервенцијата, а натпреварот бил прекинат во судиското продолжение.

Лекарите се бореле за неговиот живот

По судирот, Де Мигел бил пренесен во Универзитетската болница „Нуестра Сењора де Канделарија“ на Тенерифе, каде што бил сместен на интензивна нега. Според шпанските медиуми, тој доживеал срцев застој за време на транспортот со амбулантно возило, по што медицинските екипи успеале да го реанимираат.

Клубот првично соопштил дека неговата состојба е сериозна, но стабилна. Сепак, подоцна дошло до влошување на неговата невролошка состојба. Тенерифе денеска потврди дека Де Мигел починал во 8 часот наутро, на 3 ноември 2026 година.

Кариерата му заврши на 30 години

Хесус де Мигел е роден во Мадрид во 1996 година, а во текот на кариерата настапувал за неколку шпански клубови, меѓу кои Леганес, Фуенлабрада, Навалкарнеро, Унионистас и Кастељон.

Во Тенерифе пристигнал во 2025 година од Кастељон, а во сезоната 2025/26 постигнал 11 голови во првенството. Неговата смрт предизвика бројни реакции и изрази на сочувство од шпанските фудбалски клубови, меѓу кои Реал Мадрид и Барселона.

ОЗНАКИ: тенерифе