Македонија
Дознај прв
БОГОЈЕСКИ МОЖЕ ДА „ЛЕТА“ ОД ВОЕНАТА АКАДЕМИЈА: Ќе се разгледуваат можни мерки

Доц. д-р Петар Богојески, кој е дел од наставниот кадар на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, би можел да се соочи со дисциплински мерки поради неговите јавни настапи и изнесени ставови откако релативизираше семејно насилство. Од Воената академија соопштија дека доставените иницијативи и материјали ќе бидат разгледани од надлежните тела, кои ќе утврдат дали постои основа за преземање соодветни мерки.
Во институцијата посочуваат дека Етичкиот кодекс предвидува можност за формално оградување од јавните ставови на вработените, но и иницирање постапка пред надлежниот работодавец. Академијата нагласува дека личните ставови на вработените изнесени во јавност не ги претставуваат нејзините официјални позиции. Реакцијата следува по иницијативата поднесена од уредникот на Радио Лидер, Љупчо Златев, по јавните настапи на Богојески.
Претходно, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги реагираше на неговите изјави, оценувајќи дека со нив се релативизира и оправдува насилството врз жените и децата. Засега нема донесено одлука за санкција или прекин на работниот однос, а од Академијата велат дека евентуалното постапување ќе се темели на утврдени факти и непристрасна проценка.

