Македонија
Дознај прв
(ВИДЕО) ИСТОРИСКИ ПОДВИГ: „Војаџер 1“ се наоѓа точно еден светлосен ден од Земјата
Леталото „Војаџер 1“ се оддалечи 25,9 милијарди километри од Земјата, достигнувајќи историско растојание од еден светлосен ден.

Вселенското летало „Војаџер 1“ достигна историска оддалеченост од Земјата – точно 25.902.068.356 километри, односно еден светлосен ден, објави НАСА. Ова значи дека сигналот испратен од леталото патува околу 24 часа за да стигне до нашата планета. Според објавените податоци, ова растојание е достигнато на 18 ноември 2026 година, во 11:16 часот по централноевропско време. Настанот претставува уште еден историски момент во истражувањето на вселената, особено ако се има предвид дека леталото е лансирано пред речиси половина век.
Мисија што трае речиси 50 години
„Војаџер 1“ беше лансиран на 5 септември 1977 година, а неговата мисија продолжува и денес. За споредба, НАСА наведува дека Месечината е оддалечена околу 384.400 километри од Земјата, растојание што светлината го поминува за нешто повеќе од една секунда. Една светлосна година, пак, изнесува околу 9,46 трилиони километри. Научниците истакнуваат дека овие летала продолжуваат да испраќаат податоци од меѓуѕвездениот простор, и покрај нивната старост.
„Војаџер“ продолжува да ја истражува вселената
„Војаџер 1“ и „Војаџер 2“ се наоѓаат во меѓуѕвездениот простор, каде што продолжуваат да собираат информации за регионот надвор од влијанието на Сонцето. Двете летала носат и познатите златни плочи со звуци, фотографии и пораки од Земјата, наменети за евентуални цивилизации што би можеле да ги пронајдат. Според научниците, мисијата и по толку години останува важен извор на податоци за разбирање на вселената.

