Магазин
Дознај прв
GTA 6 СО РЕКОРДЕН СТАРТ: За еден ден заработила 2,36 милијарди долари
GTA 6 продаде над 24,5 милиони примероци и оствари проценет приход од 2,36 милијарди долари во првиот ден, вклучувајќи ги преднарачките.

„Grand Theft Auto 6“ (GTA 6) остварила проценет приход од неверојатни 2,36 милијарди долари само во првиот ден, вклучувајќи ги и преднарачките, со што поставила рекорд во индустријата за забава. Според податоците на аналитичката платформа „Sensor Tower“, продадени се повеќе од 24,5 милиони примероци, сметајќи ги преднарачките и продажбата на 19 ноември, кога играта беше објавена. Со овој резултат GTA 6 ја надминала вкупната заработка на филмот „Одисеја“, кој од премиерата во јули инкасирал 1,805 милијарди долари на светските кино-благајни. Интересот за новото продолжение на „Rockstar Games“ доаѓа по 13 години чекање, а според проценките на компанијата „Niko Partners“, приходите до крајот на годината би можеле да надминат три милијарди долари.
Продадени 24,5 милиони примероци, најголем дел за PlayStation 5
Иако „Rockstar Games“ и матичната компанија „Take-Two“ сè уште немаат објавено официјални податоци за продажбата, потврдиле дека побарувачката била без преседан. „Sensor Tower“ проценките ги базира на електронски потврди за купување, статистички анализи и следење јавни профили на големите гејмерски платформи. Според нив, околу 75 проценти од продадените примероци се за PlayStation 5, а остатокот за Xbox конзолите. Развојот на играта, според проценките, чинел повеќе од една милијарда долари, што би ја направило најскапиот проект во историјата на индустријата за видеоигри.
Играчите чекаа полноќ, преземањето ја оптовари интернет-мрежата
Излегувањето предизвика огромен интерес низ светот, а голем број играчи останаа будни до полноќ за да ја стартуваат играта меѓу првите. Инсталациската датотека зафаќа 212 гигабајти, а масовното преземање предизвикало рекорден интернет-сообраќај кај британскиот оператор „Virgin Media O2“. Првите рецензии се претежно позитивни, а порталот IGN ја опишал играта како ремек-дело создадено без компромиси. Дополнителни приходи за „Rockstar“ во наредните години се очекуваат од онлајн содржините и проширувањата, иако компанијата сè уште не ги објавила датумите за компјутерската верзија и мултиплеер-режимот.

