Свет

„ЛУФТХАНЗА“ УKИНУВА 1.000 РАБОТНИ МЕСТА: Војната, скапото гориво и штрајковите ја продлабочија кризата

Германската „Луфтханза“ планира да укине 1.000 работни места во Франкфурт и Минхен поради загуби, скапо гориво, војната и штрајкови.

„ЛУФТХАНЗА“ УKИНУВА 1.000 РАБОТНИ МЕСТА: Војната, скапото гориво и штрајковите ја продлабочија кризата

Германската авиокомпанија „Луфтханза“ планира да укине 1.000 работни места со полно работно време во своите главни центри во Франкфурт и Минхен, поради продолжените финансиски загуби. Во првите девет месеци од годинава, главната авиокомпанија во групацијата забележала оперативна загуба од 180 милиони евра, односно просечно по 20 милиони евра месечно. Како главни причини за лошите резултати се наведуваат војната на Блискиот Исток, високите цени на горивото, деветте дена штрајк и зголемените оперативни трошоци. Намалувањето на бројот на вработени е дел од поширокиот план за реструктурирање на компанијата, започнат во 2024 година.

Целта е заштеда од 2,5 милијарди евра до 2028 година

Со планот за реструктурирање, „Луфтханза“ има цел да ја зголеми заработката за 2,5 милијарди евра до 2028 година. Одлуката за укинување на работните места се однесува на главната авиокомпанија во групацијата, во која се и „Свис“, „Аустриан ерлајнс“ и „Бриселс ерлајнс“. Намалувањето опфаќа околу 2,5 проценти од вкупно 40.000 вработени во главната авиокомпанија.

Не е познато кога ќе бидат укинати работните места

Засега нема информации кога и на кој начин ќе бидат укинати планираните 1.000 работни места. Не е познато ниту дали овие позиции се дел од претходно најавениот план за укинување околу 4.000 работни места, претежно во администрацијата, до 2030 година.

Жан Митрев