Македонија

ТРИ ДЕНА ОТКАКО МУ ГО ВРАТИ ПАСОШОТ НА МАРКОВСКИ: Судијата Вулнет Винца замина во пензија

Судијата Вулнет Винца замина во пензија три дена откако претседавал со советот што му го вратил пасошот на бизнисменот Борче Марковски.

ТРИ ДЕНА ОТКАКО МУ ГО ВРАТИ ПАСОШОТ НА МАРКОВСКИ: Судијата Вулнет Винца замина во пензија

Претседателот на Основниот суд Струга, Вулнет Винца, повеќе не е судија откако Судскиот совет констатира дека ги исполнил условите за старосна пензија. Одлуката доаѓа три дена откако Кривичниот совет со кој претседавал Винца му го вратил пасошот на бизнисменот Борче Марковски, кој потоа ја напуштил Македонија преку граничниот премин „Табановце“. Судскиот совет го отфрлил барањето на Винца за продолжување на судиската функција, бидејќи потребната изјава била доставена по предвидениот рок.

Винца не чувствува одговорност

Винца потврдил дека тричлениот Кривичен совет донел одлука да му биде вратена патната исправа на Марковски. Тој изјавил дека не чувствува одговорност бидејќи, пред донесувањето на одлуката, советот добил позитивно мислење од надлежното обвинителство. Според него, следното судско рочиште е закажано за 2 септември, а доколку обвинетиот не се врати, постапката може да продолжи во негово отсуство.

ОЈО Струга првично било против

Од Обвинителството соопштиле дека ОЈО Струга првично дало негативно мислење за враќање на пасошот, но по насока од Вишото јавно обвинителство Битола подоцна било доставено позитивно мислење. Како образложение било наведено дека определената гаранција ја намалува опасноста од бегство, како и дека Марковски требало да отпатува во Србија поради работењето на неговата фирма. Марковски и уште седум лица се обвинети во предмет поврзан со јавна набавка вредна околу 1,7 милиони евра за дислокација на опрема од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“.