Регион

ПОЛИТИЧКИ ЗЕМЈОТРЕС ВО СЛОВЕНИЈА: Доскорешниот премиер Голоб пред кривична постапка, му се закануваат до шест години затвор

ПОЛИТИЧКИ ЗЕМЈОТРЕС ВО СЛОВЕНИЈА: Доскорешниот премиер Голоб пред кривична постапка, му се закануваат до шест години затвор

Специјализираното државно обвинителство на Словенија го известило претседателот на словенечкиот парламент, Зоран Стевановиќ, дека се исполнети условите за започнување кривична постапка против доскорешниот премиер и лидер на Движењето Слобода, Роберт Голоб.

Според информациите објавени од словенечките медиуми, Голоб е осомничен за кривично дело поврзано со недозволено давање подароци за незаконско посредување, за што словенечкото законодавство предвидува казна затвор до шест години.

Адвокатот на Голоб, Стојан Здолшек, потврди дека постапката се однесува на таканаречениот „случај Бобнар“, поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи Татјана Бобнар и наводите за мешање на Голоб во работата на полицијата.

Специјализираното обвинителство уште во октомври 2025 година поднело барање до Окружниот суд во Љубљана за отворање судска истрага против Голоб. Судот сè уште нема донесено одлука дали истрагата ќе биде формално отворена.

Во меѓувреме, по парламентарните избори Голоб стана пратеник, поради што ужива пратенички имунитет. Одбраната на Голоб соопшти дека тој нема да се повика на имунитетот.

Парламентарната комисија за мандатно-имунитетни прашања треба да го разгледа случајот на седница затворена за јавноста, по што парламентот ќе одлучува за неговиот имунитет.

Случајот произлегува од обвинувањата на поранешната министерка за внатрешни работи Татјана Бобнар дека Голоб, додека бил премиер, се мешал во работата и кадровските прашања во полицијата.

Голоб претходно ги отфрли обвинувањата, а неговиот адвокат барањето на обвинителството за судска истрага го оцени како неосновано.

Судот сè уште нема одлучено дали ќе отвори истрага, а Голоб во оваа фаза не е прогласен за виновен.