Македонија

„БЕЗБЕДЕН ГРАД“ СТИГНА И ВО ВЕЛЕС: За само ден и пол регистрирани 151 сообраќаен прекршок

„Безбеден град“ започна да функционира во Велес, а за само ден и половина камерите регистрирале 151 сообраќаен прекршок.

„БЕЗБЕДЕН ГРАД“ СТИГНА И ВО ВЕЛЕС: За само ден и пол регистрирани 151 сообраќаен прекршок

Камерите веќе ги снимаат возачите во Велес

Системот „Безбеден град“ од саботата започна да функционира и на подрачјето на СВР Велес, по завршувањето на техничките проверки и тестирањата. Само за првиот ден и половина од работењето, камерите регистрирале вкупно 151 сообраќаен прекршок, со што системот веднаш покажа дека ќе има активна контрола и во Велес. Камерите се поставени на главните сообраќајници и критичните точки каде што е регистрирана поголема фреквенција на возила и сообраќајни прекршоци. „Безбеден град“ автоматски ги регистрира прекршоците и овозможува нивно санкционирање.

Контролата се проширува низ Македонија

Со активирањето во Велес, системот за автоматизиран сообраќаен надзор продолжува да се проширува и во други делови од државата. Во првата фаза „Безбеден град“ санкционира прекршоци како прекумерна брзина, минување на црвено светло, непрописно паркирање и управување со возило со истечена сообраќајна дозвола. Од МВР очекуваат ваквиот начин на контрола да придонесе за поголема сообраќајна дисциплина и намалување на ризиците на патиштата. Возачите се повикуваат да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.