Скопје

УКИНАТО ОГРАНИЧУВАЊЕТО ЗА „HUG & FLY“: ТАВ повторно дозволува бесплатен пристап без лимит од еден влез

ТАВ Македонија го укина ограничувањето за бесплатен влез во зоната „Hug & Fly“ на скопскиот аеродром, по барање на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

УКИНАТО ОГРАНИЧУВАЊЕТО ЗА „HUG & FLY“: ТАВ повторно дозволува бесплатен пристап без лимит од еден влез

Повлечена мерката за бесплатен пристап

ТАВ Македонија ја повлече одлуката со која бесплатниот пристап на едно возило во зоната „Hug & Fly“ на Меѓународниот аеродром Скопје беше ограничен на еден влез во период од 24 часа. Одлуката следува откако Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата побарала дополнителни појаснувања и релевантни податоци во врска со воведеното ограничување. По доставеното барање, ТАВ ја известила Комисијата дека мерката е повлечена. Со тоа, ограничувањето од еден бесплатен влез во период од 24 часа повеќе не важи.

Комисијата ќе ја следи состојбата на аеродромот

Од Комисијата за заштита на конкуренцијата ја поздравиле одлуката на ТАВ Македонија за повлекување на мерката. Оттаму најавуваат дека ќе продолжат да ја следат состојбата и условите за пристап до аеродромската инфраструктура, особено во однос на обезбедувањето еднакви и недискриминаторски услови за сите учесници на пазарот. Комисијата посочува дека останува посветена на заштитата на конкуренцијата и дека ќе постапува во рамки на своите законски надлежности доколку одредени услови или мерки можат да имаат влијание врз конкуренцијата и интересите на граѓаните.