Македонија
Дознај прв
ПОЖАР КАЈ НЕА КАЛИКРАТИЈА: Евакуирани делови од омиленото летувалиште на Македонците во Грција
Пожар кај Неа Каликратија на Халкидики, евакуирани делови од Амбелакија и Кипуполи, огнот е ставен под контрола.

Пожар избувна попладнево во близина на Неа Каликратија на Халкидики, едно од омилените летувалишта на Македонците во Грција. Огнот бил во непосредна близина на домови, поради што преку бројот 112 била испратена порака за евакуација до лицата кои се наоѓале во местата Амбелакија и Кипуполи. Според информациите, пожарот е ставен под контрола, но надлежните служби остануваат на терен. Во гаснењето интервенирале 45 пожарникари со два пешадиски тима и 12 возила, а помагале и волонтери, цистерни и воздухопловни средства. Од воздух се дејствувало со пет авиони и три хеликоптери.
Порака од 112 за евакуација
Кусо пред 18 часот до жителите и туристите во близина на пожарот била испратена порака да бидат во состојба на готовност. Околу 20 минути подоцна, лицата во Кипуполи и Амбелакија добиле насока да се оддалечат кон Неа Каликратија. Превентивно, противпожарен брод патролира долж крајбрежјето.
Пожарот ставен под контрола
Иако пожарот е ставен под контрола, состојбата внимателно се следи поради близината до населени места и туристички објекти. Неа Каликратија е една од најпосетуваните дестинации на Халкидики за македонските туристи, особено во летниот период.
