Македонија
Дознај прв
(ВИДЕО) ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ НА АЛБАНСКИ СО КОМПРОМИС: Теоретскиот дел на албански, практичниот дел на македонски
Шасивари предлага 12 теоретски предмети од правосудниот испит да се полагаат на албански, а практичниот дел на македонски. Студентите бараат испитот да биде целосно на албански.

Министерот за правда Шасивари предложи комбиниран модел за полагање на правосудниот испит – теоретскиот дел, кој опфаќа 12 предмети, да се полага на албански јазик, а двата предмети од практичниот дел на македонски. Предлогот денеска им го презентирал на албанските студенти, кои двапати протестираа барајќи испитот да биде целосно на албански јазик. Шасивари вели дека целта е да се најде решение усогласено со Уставот, законите и европските стандарди, кое ќе ги почитува јазичните права и професионалните критериуми. За законското решение најави дека ќе побара мислење и од Венецијанската комисија. Студентите го поздравија разговорот и се прогласија за победници, но порачаа дека не прифаќаат делумно решение и ќе продолжат со протести доколку испитот не се полага целосно на албански. ДУИ го отфрли предлогот, оценувајќи дека со него не се обезбедува доследна примена на Законот за употреба на јазиците.
Шасивари најави мислење од Венецијанската комисија
Министерот образложи дека предложените измени не треба да создаваат паралелни системи, туку единствен модел во кој јазичната инклузивност и професионалните стандарди ќе се надополнуваат. Тој рече дека конечниот предлог ќе биде усогласен со европските правни стандарди и затоа ќе побара мислење од Венецијанската комисија, советодавно тело за уставноправни прашања.
Студентите бараат целосно полагање на албански
По средбата, студентите порачаа дека нивното барање останува правосудниот испит да биде 100 проценти на албански јазик и дека треба да се спроведува Законот за употреба на јазиците. Тие предупредија дека се подготвени повторно да излезат на улица ако не биде прифатено целосното барање. Од ДУИ, пак, го отфрлија компромисниот модел и обвинија дека тој ги доведува во прашање уставните и законските права на албанските студенти.
