Спорт
Дознај прв
БАРСЕЛОНА ПРИЈАВИ КОРЕОГРАФИЈА НА ПСЖ ДО УЕФА: Навивачите прикажаа маскиран лик со моторна пила и натпис „Париски масакр“
Барселона поднесе жалба до УЕФА поради кореографија на навивачите на ПСЖ со моторна пила и натпис „Париски масакр“. Парижаните победија со 4:2.

Барселона поднесе жалба до УЕФА поради провокативната кореографија на навивачите на Пари Сен Жермен пред натпреварот од Лигата на шампионите во Париз. На големиот транспарент бил прикажан маскиран лик во дрес на ПСЖ, со моторна пила насочена кон грбот на каталонскиот клуб, а покрај него стоел натписот „Париски масакр“. Сцената алудирала на хорор-филмот „Тексашки масакр со моторна пила“. Жалбата била поднесена до делегатот на УЕФА, а Барселона изразила загриженост и поради навредливите скандирања на дел од домашните навивачи.
Каталонците реагирале и на навредливите транспаренти
Според медиумските извештаи, Барселона побарала да бидат отстранети и транспаренти со навредлива порака кон клубот. Каталонците биле незадоволни и од тоа како кореографијата и транспарентите биле внесени на стадионот, со оглед на безбедносните проверки што се спроведуваат пред натпреварите.
ПСЖ славеше со 4:2, УЕФА ќе ја разгледува жалбата
ПСЖ го доби натпреварот против Барселона со 4:2, но по мечот вниманието се насочи и кон кореографијата на трибините. Според францускиот спортски весник „Л’Екип“, кореографијата претходно била одобрена од парискиот клуб. УЕФА треба да ја разгледа пријавата, а евентуалната дисциплинска постапка ќе зависи од проценката на содржината и однесувањето на навивачите.
