Колумни
Дознај прв
Македонски предлог
Колумна на Никола Николовски - Боемот

Франција доби француски предлог од Македонија, па можеби сега е време и ние да ѝ дадеме еден македонски предлог. Предлог како да се извлече од спиралата на протести кои почнуваат со легитимни барања, а завршуваат со искршени излози, ограбени продавници и уништен туѓ имот. Или со други зборови: Целосна анархија! Ако ништо друго, барем ние ја поминавме шарената револуција.
Во Франција сè започна со немањето парно во училиште, пренатрупаните училници, отсуството на наставници и застарените објекти. Децата наводно немале соодветни услови, родителите незадоволни, побараа одговорност од француските институции. И во тоа нема ништо спорно. Напротив, секој треба да застане зад барањето децата да учат во нормални услови.
Но, состојбата брзо ескалираше. Како од немање парно нагло се стигна до кршење продавници? Каква врска има дуќанот на некој обичен човек со проблемот во училиштето? Каква вина има сопственикот на локалот што државата не си ја завршила работата?
Замислете да сте граделе мал бизнис дваесет години. Дваесет години труд, штедење, вложување, непроспиени ноќи, плаќање сметки и борба да опстанете. Можеби сте го почнале со неколку полици и малку стока, а денес од него живее целото семејство. И тогаш, за неколку минути, група разгалени левичарски вандали ви го крши излогот, ви ја ограбува продавницата и ви уништуваат сè што сте создавале.
Што треба да направите? Да им се заблагодарите што се борат за подобро образование? Да ја прифатите штетата како придонес за нивната револуција? Кој ќе ви ги врати дваесетте години? Кој ќе ги плати сметките, платите и загубената стока?
Страшни сцени под мотото „борба за правда“. Не анархисти, тоа не е борба за правда. Тоа е неправда врз човек кој можеби никогаш нема да има можност да се одбрани од толпата и сте уништиле живот на некој кој го вложил целиот живот да изгради сопствен бизнис.
Знаете дека прв сум против илегалната миграција. Сум пишувал и други такви колумни. Но, тука не станува збор само за имигрантите, како што често се обидуваат да го претстават проблемот. Главниот проблем е во радикалната левица, анархистичките групи и домашните политички активисти кои со години го оправдуваат уличното насилство како средство за политичка борба.
Кога се крши продавница, кога се ограбува дуќан или се уништува споменик, не е доволно да се каже дека тоа е „гнев на народот“. Кој е тој народ? Сите што протестираат? Или оние што одлучиле дека туѓата сопственост е прифатлива жртва за нивната идеологија?
Особено е лицемерно кога дел од либералните кругови со едната рака зборуваат за човекови права, достоинство и социјална правда, а со другата го релативизираат уништувањето на туѓата егзистенција. За полицијата се бара одговорност, и тоа е исправно. Но, зошто истата одговорност не се бара и од оние што палат, кршат и ограбуваат?
Патем, да не заборавиме. Ако ништо друго, барем Франција е земја со развиен систем на здравствена заштита, социјални придобивки, платен одмор и јавни услуги. Тоа не значи дека нема сиромаштија, неправда или сериозни проблеми. Но, ако барањето за подобро општество завршува со уништување на продавницата на човек кој едвај се бори да опстане, тогаш треба да се запрашаме кому му служи таа борба.
Ниту еден искршен излог не го решава проблемот со греењето. Ниту една ограбена продавница не го подобрува образованието. Ниту еден уништен споменик не создава подобра држава.
И ние во Македонија не сме невини во оваа приказна. Пред десетина години поминавме низ Шарената револуција. Се протестираше против власта, се бараше правда, се зборуваше за демократија и промени. Дел од барањата беа легитимни, но имаше и уништување, боење објекти и политичко оправдување на постапки кои денес, кога ги прави некој друг, многумина би ги осудиле. Шарената револуција беше и кондом револуција, за една употреба – подоцна сите се вработија во тогашната влада на Заев.
Тогаш научивме дека кога една политичка кауза ќе стане поважна од правилата, секој може да најде оправдување за сопственото насилство. Денес едни го оправдуваат, утре други ќе го применат. А на крајот, најчесто страдаат луѓето кои немаат ниту политичка моќ, ниту заштита. Така кај нас со Шарената револуција голем дел од луѓето кои потпаднаа под таа пропаганда на крајот ретерираа од учествувањето во истата. Ретроспективно гледано, воопшто не ни требаше таа шарена, платена ревоулиција.
Потоа доаѓаме и до фамозниот „француски предлог“. Предлог наводно „за наша европска интеграција“, со условот за внесување на Бугарите во Уставот. Тој предизвика длабоки поделби, протести и незадоволство кај македонските граѓани. Франција беше дел од процесот во кој нашата држава се соочи со тешки политички услови.
Епа, сега е време и ние да ѝ дадеме еден македонски предлог.
Не предлог за нови уставни измени, туку предлог за излез од политичката култура во која протестот се претвора во вандализам, а уништувањето се претставува како херојство.
Прво, да се престане со двојните стандарди. Ако се бара одговорност од институциите, тогаш мора да има одговорност и за демонстрантите кои ги кршат законите. Ако се брани правото на протест, мора да се брани и правото на човекот да ја зачува својата сопственост.
Второ, да се престане со романтизирање на насилството. Нема ништо револуционерно во тоа да му го уништиш дуќанот на човек кој не ти направил ништо. Нема ништо прогресивно во тоа да ограбиш продавница. И нема ништо храбро во тоа да се криеш зад толпата додека некој друг ја плаќа цената.
И трето, да се вратиме на суштината. Ако училиштето нема парно, решете го проблемот со парното. Ако институциите не работат, барајте одговорност. Ако има неправда, борете се против неа. Но, не ја претворајте туѓата работа во жртва на вашата политичка борба.
Македонскиот предлог до Франција е едноставен: протестирајте, барајте промени, критикувајте ја власта. Но, не дозволувајте радикалните групи да ви ја украдат каузата и да ја претворат во хаос.
Зашто држава во која можеш да уништиш туѓ живот во име на сопствената правда не е поправедна држава. Таа е само држава во која неправдата добила ново име.
А на човекот кој дваесет години градел бизнис, а за пет минути му го уништиле, никој нема да му објасни дека тоа било за повисока цел. Тој ќе остане со искршениот излог, празната продавница и прашањето што никој од демонстрантите не сака да го одговори: зошто токму јас?
