Македонија

АКЦИЈА НА ПЕЛИСТЕР: Пронајдени и приведени лица кои биле на лов во зона на строга заштита

Вооружени лица биле лоцирани во НП Пелистер по повеќе од три часа ноќна потрага низ тежок терен над 2.000 метри, а потоа биле спроведени во полициска станица.

АКЦИЈА НА ПЕЛИСТЕР: Пронајдени и приведени лица кои биле на лов во зона на строга заштита

Патролите ги пронашле во Пелистер – зона на строга заштита

На 12 август по 19 часот, ренџерската служба на ЈУНП „Пелистер“, предводена од директорот Иванчо Тошевски, во соработка со СВР Битола започнала акција за пронаоѓање вооружени лица кои навлегле длабоко во територијата на Националниот парк. Во потрагата биле вклучени две патроли на НП „Пелистер“, потпомогнати од полициски службеници, кои независно една од друга се движеле низ исклучително тежок терен на над 2.000 метри надморска височина. Патрoлите пристапувале од различни правци, од селото Велушина и од Инфоцентарот, кон локацијата за која имало информации дека се наоѓаат лицата.

Лицата биле спроведени во полициска станица

По повеќе од три часа пешачење, околу 23:30 часот, вооружените лица биле лоцирани во близина на Голема Грива, во зона на строга заштита. Од моментот на лоцирањето, со понатамошните активности раководеле полициските службеници, а акцијата завршила во 4 часот наутро на 13 август со спроведување на лицата во полициска станица. Од НП „Пелистер“ посочуваат дека теренот е исклучително тешко достапен и претставува сериозен предизвик за редовните патролни активности на ренџерската служба, особено поради лошата инфраструктура. Оттаму нагласуваат дека шумските патишта, кои се важни за противпожарна заштита и контрола на теренот, постепено пропаѓале, но нивното обновување веќе е ставено високо на агендата на Националниот парк. Воедно, од установата велат дека во деловите со најголема површина на строга заштита и понатаму има обиди за незаконски активности, но дека преку соработката со СВР Битола тие навремено се спречуваат.