Македонија
Дознај прв
АЛАРМАНТЕН РАСТ НА БОЛЕДУВАЊАТА: Зголемување од 33 проценти
Во 2025 година биле регистрирани над 300.000 боледувања, што е зголемување од 33 проценти во споредба со ковид-годината 2021.

Во Македонија во 2025 година биле регистрирани 33 проценти повеќе боледувања до 30 дена во споредба со 2021 година, кога земјата се соочуваше со ковид-пандемијата. Податоците од системот „Мој термин“ покажуваат дека во текот на минатата година биле отворени повеќе од 300.000 боледувања. Информацијата ја соопшти министерот за здравство Сашо Клековски, кој најави дека правилата за користење боледување треба повторно да бидат разгледани. Според него, сегашната регулатива не била ревидирана од 2012 година.
Најчести се респираторните и стомачните инфекции
Во краткотрајните боледувања доминираат две главни групи дијагнози. Најчесто станува збор за респираторни инфекции на горните дишни патишта и гастроентеритис. Зголемениот број отсуства од работа го отвора прашањето за причините што довеле до раст поголем и од оној во годината на ковидот. Надлежните најавуваат анализа на состојбата и на начинот на кој се издаваат боледувањата.
Растат трошоците за долгите боледувања
Бројот на долгите боледувања останува релативно стабилен и изнесува околу 25.000 годишно. Сепак, забележано е значително зголемување на средствата што се исплаќаат за овие боледувања. Клековски посочи дека поминале 14 години од последната ревизија на правилата и дека е потребно повторно да се разгледа целиот систем. Целта на најавените анализи е да се утврдат причините за растот и дали се потребни промени во постапките.
