Македонија
Дознај прв
БОГАТСТВО ПОД ЗЕМЈА КАЈ БИТОЛА: Откриени над 400 антички монети кај Црнобуки
Богатство пронајдено под земја кај Битола: откриени се над 400 антички монети на локалитетот Градиште кај Црнобуки.

Наоди од различни периоди
Над 400 антички монети се откриени во петгодишните археолошки истражувања на локалитетот Градиште кај Црнобуки, Битолско. Меѓу нив има монети ковани во времето на Филип Втори Македонски, но и од периодот на Октавијан Август. Пронајдени се и монети поврзани со античките градови Тесалоника, Пела, Амфиполис и Дирахион. Археологот Енгин Насух вели дека токму монетите помагаат да се открие хронологијата на античкиот град. Годинашните наоди сè уште се чистат и анализираат, по што ќе се добие појасна слика за нивното значење.
Град од македонско-хеленистичкиот период
Иако постојат теории дека локалитетот можеби е поврзан со античките градови Персеида или Линк, научниците засега не излегуваат со конечни заклучоци. Досегашните истражувања покажуваат дека станува збор за развиен град од македонско-хеленистичкиот период. На локалитетот се откриени траги од работилници, продавници и богата материјална култура, што говори за организиран градски живот. Според досегашните сознанија, градот опстојувал до крајот на старата ера. Истражувањата ги продолжува заеднички македонско-американски тим, а новите наоди се очекува дополнително да ја расветлат историјата на овој простор.
