Регион

ДВЕ ГОДИНИ ОД ТРАГЕДИЈАТА ВО НОВИ САД: 16 загинати, а судењето сè уште не е започнато судење

Две години од уривањето на настрешницата во Нови Сад, во кое загинаа 16 лица. Се водат три постапки, но судењата сè уште не се започнати.

ДВЕ ГОДИНИ ОД ТРАГЕДИЈАТА ВО НОВИ САД: 16 загинати, а судењето сè уште не е започнато судење

Денеска се навршуваат две години од трагедијата во Нови Сад, кога на 1 ноември 2024 година се урна настрешницата на реновираната железничка станица, при што животот го загубија 16 лица, а едно лице беше тешко повредено. Меѓу загинатите имаше и четири деца на возраст од 6, 10, 16 и 17 години, а најмладиот преживеан во несреќата беше сведок на една од најголемите трагедии во поновата историја на Србија. Настрешницата се урна во 11:52 часот, а денес во истото време во Нови Сад ќе се одржи комеморативен собир организиран од студентското движење. И покрај тоа што се водат три одделни правни постапки, ниту едно судење сè уште не започнало.

Комеморации за загинатите, две години по трагедијата

Меѓу загинатите се Сара Фириќ (6), Валентина Фириќ (10), Ѓорѓе Фириќ (53), Милица Адамовиќ (6), Сања Ќириќ Арбутина (35), Милева Карановиќ (76), Немања Комар (17), Милош Милосављевиќ (21), Стефан Хрка (27), Анџела Руман (20), Горанка Раца (58), Ѓуро Швоња (77), Вукашин Раковиќ (69) и Васко Саздовски (46), државјанин на Северна Македонија. По несреќата, од здобиените повреди во болница починаа и Ања Радоњиќ (24), на 17 ноември 2024 година, како и Вукашин Црнчевиќ (18), на 21 март 2025 година. Покрај централниот собир во Нови Сад, комеморативни настани се најавени и на други локации во градот, а во Храмот „Свети Сава“ во Белград ќе се одржи помен што ќе го предводи патријархот Порфирије.

Три постапки, но сè уште нема судење

Во врска со трагедијата се водат три одделни постапки пред обвинителствата во Нови Сад и Белград, како и пред Обвинителството за организиран криминал. Обвинението во Нови Сад опфаќа 13 лица, меѓу кои се поранешниот министер Горан Весиќ, неговата помошничка Анита Димоски, поранешните директори на „Инфраструктура на српските железници“ Јелена Танасковиќ и Небојша Шурлан, како и проектанти и други одговорни лица. Подготвителното рочиште сè уште не е закажано бидејќи списите се наоѓаат во Врховниот суд на Србија, кој треба да одлучи по барањата за заштита на законитоста. Белградското обвинителство поднесе обвинение против три лица, додека третата постапка, во која се опфатени и поранешниот министер Томислав Момировиќ и други функционери, се однесува на сомневања за финансиски неправилности и штета од 115 милиони долари. Железничката станица беше реконструирана од 2021 година и официјално пуштена во употреба во јули 2024 година, а според обвинението, до уривањето дошло поради корозија на критичен спој на конструкцијата и дополнително оптоварување од новододадени елементи.

 

ОЗНАКИ: србија