Македонија

(ЕКСКЛУЗИВНО) 0% царини за голем број македонски производи од полноќ – САД воведоа нови царински мерки за околу 80 држави, Македонија не е меѓу нив

(ЕКСКЛУЗИВНО) 0% царини за голем број македонски производи од полноќ – САД воведоа нови царински мерки за околу 80 држави, Македонија не е меѓу нив

Македонија не е меѓу државите опфатени со најновата одлука на Канцеларијата на трговскиот претставник на САД (USTR) за воведување нови мерки согласно Section 301, што значи дека македонските производи не се предмет на дополнителни царини во рамките на оваа постапка.

Дополнително, од полноќ, со истекот на привремените американски мерки и стапувањето во сила на новиот режим, македонските производи продолжуваат да се извезуваат во САД според редовниот американски царински режим (MFN), при што за голем број производи тоа значи 0% царина, односно без дополнителни мерки што важат за голем број други држави.

Иако одлуката опфаќа околу 80 земји и трговски партнери, Македонија не беше ниту предмет на истрагата, ниту на конечните мерки, со што домашните извозници ја задржуваат својата конкурентска позиција на американскиот пазар.

Овој исход е уште една потврда за стабилните и конструктивни економски односи меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, кои во изминатиот период дополнително се продлабочуваат преку Стратешкиот дијалог и засилената економска соработка.

Иако станува збор за поширока американска трговска политика, а не за билатерална одлука насочена кон Македонија, фактот што нашата држава не е опфатена со новите ограничувања претставува позитивен сигнал и отвора можности за дополнително зајакнување на македонскиот извоз на американскиот пазар.

🔗 Одлуката на Канцеларијата на трговскиот претставник на САД (USTR): ustr.gov