Македонија
Дознај прв
ЕПИДЕМИЈА ВО ГОСТИВАР: Над 3.100 граѓани побарале здравствена помош, водата останува забранета
Над 3.100 здравствени контакти се регистрирани во Гостивар по појавата на стомачни тегоби, а водата останува забранета за употреба.

Околу 3.100 здравствени контакти досега биле регистрирани во Здравствениот дом и Општата болница во Гостивар по појавата на стомачни тегоби кај граѓаните, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој информираше дека од 19 јули е забележано првото намалување на бројот на пациенти што се јавуваат во здравствените установи. Во Гостивар е прогласена локална епидемија, а водата од водоводната мрежа и натаму е целосно забранета за пиење и друга употреба.
Комисијата за заразни болести ја разгледува состојбата
Епидемијата била прогласена откако бројот на регистрирани случаи се зголемил повеќе од двојно во споредба со вообичаената состојба. Кај пациентите најчесто се јавуваат стомачни проблеми, а поретко покачена температура и треска.
Комисијата за заразни болести денеска одржува седница на која ги разгледува епидемиолошките податоци и треба да подготви мислење и дополнителни препораки. Досега биле земени и примероци за лабораториски испитувања, меѓу кои и околу 15 копрокултури.
Анализите се предаваат на истражните органи
Стручните екипи зеле примероци од водата од четири локации за микробиолошки и физичко-хемиски анализи. Испитувањата се завршени, а резултатите се доставуваат до истражните органи.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, изјави дека резултатите ќе бидат јавно објавени откако за тоа ќе биде добиена согласност од Обвинителството. Таа нагласи дека, покрај утврдувањето на причината, потребно е да се утврди и евентуалната одговорност.
Владата од денеска обезбедува по 50.000 литри вода за пиење дневно за населението во Гостивар. Граѓаните се повикуваат да ја почитуваат забраната за употреба на водата и да ги следат информациите од надлежните институции.
