Македонија
Дознај прв
11 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА КАСАРНАТА ВО ВЕЛЕС: Се обновуваат просториите, водоводот и санитарните јазли
Околу 11 милиони денари се вложуваат во реконструкција на касарната во Велес, со обнова на просториите, водоводот и санитарните јазли.

Околу 11 милиони денари се вложуваат во темелна реконструкција на објект во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес, информираше министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Тој денеска изврши увид во градежните активности во Командата за обука и доктрини и најави дека обновата на воените објекти ќе продолжи и во останатите касарни низ Македонија.
Се менуваат вратите, прозорците и водоводот
Реконструкцијата опфаќа промена на вратите, прозорците и подовите, како и целосно обновување на водоводната инсталација и санитарните јазли.
Мисајловски најави дека наскоро ќе биде заменет и покривот на зградата. Според него, во повеќе касарни се реализира посебна инвестиција од околу 20 милиони денари за обнова на покривите.
Очекувањата се сите веќе започнати зафати да бидат целосно завршени до крајот на годинава.
Над три милиони евра се вложуваат во касарните
Министерот истакна дека во овој период во повеќе касарни се инвестираат над три милиони евра, додека за следната година се планирани повеќе од 12 милиони евра за инфраструктурни проекти.
Во тек е и приклучување хидрантска мрежа во издвоениот воен објект во Отовица, каде што припадниците на Армијата првпат треба да добијат питка вода.
Мисајловски порача дека подобрувањето на условите за работа, модерната опрема и обновата на старите објекти остануваат меѓу приоритетите на Министерството за одбрана и Армијата.
