Македонија

КОБНИ ПРЕЧКИ ВО „ПУЛС“: Шанковите, галериите и скалите го блокирале патот за евакуација, вели вештакот

Од индустриски објект до дискотека со повеќе од 500 гости. Вештакот Горан Марковски сведочеше дека шанковите, галериите и скалите во дискотеката „Пулс“ претставувале пречки при евакуацијата.

КОБНИ ПРЕЧКИ ВО „ПУЛС“: Шанковите, галериите и скалите го блокирале патот за евакуација, вели вештакот

Шанковите, галериите и скалите го блокирале патот за евакуација, вели вештакот

Новоизградените шанкови, ѕидови, скали и галерии во дискотеката „Пулс“ во Кочани претставувале дополнителни пречки при евакуацијата на посетителите, сведочеше професорот Горан Марковски од Градежниот факултет во Скопје, пренесува СДК.

Марковски го продолжи презентирањето на градежното вештачење во судската постапка против 34 обвинети за пожарот во дискотеката.

Од индустриски објект до дискотека со повеќе од 500 гости

Пред судот биле прикажани два цртежа од објектот. Едниот ја прикажувал неговата првична намена како простор за лесна индустрија. Вториот ја покажувал состојбата по пренамената во угостителски објект.

Според сведочењето, во производствениот погон престојувале само неколку лица, додека по пренамената во дискотека, во објектот престојувале повеќе од 500 посетители.

Во просторот дополнително биле изградени шанкови, ѕидови, метални скали и галерии. Според вештакот, овие елементи го отежнувале движењето и претставувале бариери при евакуацијата на присутните.

Градежните интервенции биле изведувани во 2012 и во 2024 година, без соодветни дозволи, проектна документација, инспекциски надзор и контрола.

Од фотографиите презентирани пред судот било утврдено дека плочата под дискотеката била зајакнувана, а врз неа биле поставени железни конструкции, шанкови, галерии, скали и мебел.

Вештакот праша зошто инспекторите не интервенирале

Марковски посочил дека при реконструкцијата не била земена предвид безбедноста на посетителите. Тие со години биле изложувани на ризик без да бидат свесни за тоа.

Одговарајќи на прашање на обвинителот Дарко Јакимовски, вештакот објаснил дека градежната инспекција била надлежна да ги контролира градбите и пренамените, дури и по завршувањето на градежните активности.

Доколку било утврдено дека објектот е реконструиран спротивно на законските прописи, инспекторите имале право и обврска да побараат враќање во првобитната состојба.

Марковски навел дека не било пронајдено логично објаснување зошто надлежните локални инспектори не ја запреле нелегалната реконструкција. Меѓу обвинетите во случајот има и градежни инспектори од Општина Кочани.