Македонија
Дознај прв
КОНТРОЛОРИ ОД УЈП ДОБИЛЕ ОЧИЛА И ЧАСОВНИК: Обвинети даночни контролори поради ПОТКУП поврзани со „Пулс“
ОЈО Кочани поднесе обвинителен акт против тројца и обвинителен предлог против шест лица за поткуп, злоупотреби и оддавање службена тајна при даночни контроли поврзани со „Пулс“.

Кочани поднесе обвинителен акт против три лица за повеќе кривични дела поврзани со даночните контроли во дискотеката „Пулс“
Основното јавно обвинителство Кочани поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против уште шест лица за повеќе кривични дела поврзани со даночните контроли во дискотеката „Пулс“ и други поврзани фирми. Според обвинителството, двајца даночни контролори побарале и примиле очила и рачен часовник за да откриваат информации за ненајавени вонредни контроли. Еден од нив, според обвинението, преку пораки на „Вибер“ информирал одговорно лице за активностите на УЈП и МВР. Двајцата контролори се товарат и за злоупотреба на службената положба, бидејќи при контрола на 6 март 2024 година утврдиле даночни неправилности и нерегистриран промет, но не ги внесле во записникот.
Буџетот оштетен за 98.400 денари
Според ОЈО, со непријавувањето на утврдените неправилности на буџетот му била нанесена штета од 98.400 денари, колку што изнесувала ненаплатената глоба. Вториот обвинет, според обвинението, го фалсификувал службениот извештај за контролата за да ги прикрие незаконитостите. Дополнително, обвинителен предлог е поднесен против четворица даночни контролори и инспектори за злоупотреба на службената положба, при што еден од нив се товари и за фалсификување исправа.
Откривале и кога ќе се спроведуваат акциските контроли
Во случајот е опфатена и вработена во Државниот пазарен инспекторат, која, според обвинителството, откривала информации за тоа кога ќе се спроведуваат акциските контроли. Обвинетите контролори и инспектори, според ОЈО, не евидентирале утврдени неправилности и фалсификувале извештаи од надзори кај фирми поврзани со реален сопственик, кој исто така е обвинет. Обвинителството соопшти дека постапката против две други лица е запрена поради застареност, додека за уште две лица било утврдено дека нема докази за кривично дело што се гони по службена должност.
