Хроника

КРИВИЧНА ПРОТИВ ПОРАНЕШЕН ДИРЕКТОР: Тутунски комбинат Прилеп оштетен за над 3,3 милиони денари

СВР Битола поднесе кривични пријави против три лица и фирма за злоупотреби со отпадно железо, со кои Тутунскиот комбинат бил оштетен за 3,3 милиони денари.

КРИВИЧНА ПРОТИВ ПОРАНЕШЕН ДИРЕКТОР: Тутунски комбинат Прилеп оштетен за над 3,3 милиони денари

Со отпадно железо направиле фиктивни откупни белешки

СВР Битола поднело кривични пријави против три лица од Прилеп и едно правно лице поради сомнение дека со повеќе кривични дела го оштетиле АД „Тутунски комбинат“ – Прилеп за 3.338.328 денари. Меѓу пријавените е и поранешниот генерален извршен директор на комбинатот, кој се сомничи за несовесно работење во службата. Според пријавата, во текот на 2022 година било овозможено продажбата на отпадните материјали да ја спроведува друго лице, наместо референтот задолжен за управување со отпад. Потоа, со помош на сопственикот на фирма за откуп на отпад, биле прикриени најмалку 185.000 килограми отпадно железо од работната единица Заводи – Мажучиште. Наместо средствата да завршат на сметката на Тутунскиот комбинат, биле изготвувани фиктивни откупни белешки на име на осум физички лица.

Парите завршувале кај пријавениот

Според МВР, парите од продажбата биле префрлани на банкарски сметки на седум физички лица, како и на личната сметка на првопријавениот. Откако средствата биле подигнувани во готово, тие му биле предавани на првопријавениот, а на овој начин од сметките биле префрлени вкупно 3.338.328 денари. Од продажбата на отпадното железо, на Тутунскиот комбинат му биле исплатени само 1.274.560 денари. Против пријавените се поднесени пријави за проневера во службата, злоупотреба на службената положба и овластување, фалсификување службена исправа, несовесно работење во службата и прикривање.

ОЗНАКИ: битола