Хроника
Дознај прв
РЕКОРДЕН СТРИП-КОНКУРС ВО ВЕЛЕС: прогласени најдобрите автори од Македонија и светот
На 23. Меѓународен стрип-салон во Велес беа прогласени најдобрите автори. Конкурсот годинава собори рекорди по бројот на пријавени дела.

Пристигнале дела од повеќе земји
На 19 август во Европската куќа во Велес беа прогласени најдобрите автори и дела на 23. Меѓународен стрип-салон „Велес 2026“. Годинашниот конкурс „Златен стрип“ собори рекорди по бројот на пријавени дела, со учество на автори од Македонија, Балканот, Европа, Азија и Африка. Организаторите истакнаа дека годинава бројот на пријави значително го надминал досегашниот рекорд од 497 дела. Првата награда „Златен стрип“ ја освои делото „Вечно“, на Марко Стојановиќ од Србија, Милорад Вицановиќ Маза од БиХ и Аљоша Томиќ од БиХ. Второто место му припадна на Кристијан Секулиќ од Србија со „Зимата на Арапахосите“, а третата награда ја добија Дуда Вукојев и Драган Павасовиќ за „Љубовта е тешка работа“.
Наградени и повеќе македонски автори
Меѓу специјалните награди се издвојуваат признанието за најдобар цртеж за Александар Танчовски од Скопје, наградата за експериментален израз за Филипа Сара Попова, Ана Кнежевиќ и Марко Трпески, како и признанието за најдобар дебитантски стрип за Христина Крстиновска од Ресен. За најдобар ментор е прогласен Шенер Далиповски, исто така од Ресен. Посебни награди добија и млади автори, меѓу кои Матеа Аризановска, Александар Бараковски и Марија Тошевска од Скопје. Во категоријата до 14 години наградата за најдобар стрип ја освои Ана Василева од Радовиш, додека кај учесниците до 18 години најдобар стрип е прогласен „Така е пишано“ на Јасмина Јовчевска од Скопје.
