Регион
Дознај прв
ЛАЖНИ ПОЛИЦАЈЦИ ИЗМАМИЛЕ БАБА: Ја натерале да остави 45.000 евра и накит во контејнер пред домот
75-годишна жена од Лариса оставила 45.000 евра и накит во контејнер пред домот, откако телефонски измамници се претставиле како роднина и полицаец.

Жена во грчкиот град Лариса била измамена од лица кои се претставиле како полицајци и ја убедиле да ги остави парите и накитот во контејнер пред нејзината куќа. Станува збор за околу 45.000 евра и вреден накит.
Со лажна приказна за сообраќајка ја измамиле 75-годишната баба
Според медиумските извештаи, измамата започнала со телефонски повик од жена која се претставила како роднина и тврдела дека е повредена во сообраќајна несреќа и дека итно ѝ требаат пари. Потоа се јавил маж кој ѝ се заканувал, а во трет повик друго лице се претставило како полицаец од одделот за сајбер-криминал. Лажниот полицаец ја убедил дека треба да соработува со нив за да бидат фатени измамниците, па така го стекнал нејзиното доверие. Жената ги собрала 45.000 евра и повеќе парчиња накит, меѓу кои медалјон, ѓердан и бурми, ги ставила во кеса и ја оставила во контејнер пред домот. Соучесници на измамниците потоа ја зеле кесата.
Полицијата истражува и друг сличен случај
Во уште еден случај во околината на Лариса, 84-годишен маж бил измамен од лице кое се претставило како негов внук и побарало пари за наводен даночен долг. Старецот оставил 5.200 евра и осум скапи часовници на место што му било посочено по телефон. Грчката полиција ги истражува случаите и предупредува дека измамниците често се претставуваат како роднини, полицајци или службени лица за да ги измамат постарите граѓани.