Македонија

Личната карта и возачката во телефонот: „М.услуги“ пристигнува во октомври

Во октомври стартува „М.услуги“, апликација преку која граѓаните ќе имаат дигитални верзии на личната карта и возачката дозвола.

Личната карта и возачката во телефонот: „М.услуги“ пристигнува во октомври

Во октомври официјално ќе биде промовирана новата мобилна апликација „М.услуги“, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Преку апликацијата граѓаните ќе можат да ги имаат електронските верзии на личната карта и возачката дозвола директно на својот мобилен телефон. Покрај дигиталните документи, во почетната верзија ќе бидат достапни и две електронски услуги за граѓаните.

Апликацијата М.услуги ќе биде достапна за сите

„М.услуги“ ќе овозможи на едно место пристап до личните документи во дигитална форма, но и до електронски услуги на државната администрација. Апликацијата се очекува да биде достапна преку App Store и Google Play, а нејзината тест-верзија досега ја презеле околу 6.000 граѓани.

Се работи на безбедноста на податоците

Пред официјалното пуштање, во тек е завршната фаза на усогласување на протоколот за размена на податоците и тестирање на системот. Од Министерството посочуваат дека посебно внимание е посветено на сајбер-безбедноста, заштитата и начинот на чување на личните податоци. Целта е мобилниот телефон постепено да стане дигитален паричник преку кој граѓаните едноставно и безбедно ќе пристапуваат до своите документи и државните услуги.