Македонија
Дознај прв
(ВИДЕО) АНДОНОВСКИ: ЕК ГО ПОТВРДИ НАПРЕДОКОТ ВО ДИГИТАЛНАТА ТРАНСФОРМАЦИЈА: Македонија бележи добри резултати
Европската комисија оцени добар напредок на Македонија во дигиталната трансформација. Андоновски најави нови електронски услуги и инвестиции во вештачка интелигенција.

Европската комисија го потврди напредокот на Македонија во дигиталната трансформација, а нивото на подготвеност е оценето како „меѓу умерено и добро“. Ова го соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, презентирајќи ги наодите од Извештајот на Европската комисија за 2026 година. Според него, земјава бележи „добар напредок“ во Поглавјето 10 – Дигитална трансформација и медиуми, што претставува потврда за спроведените реформи во периодот од 2021 до 2026 година.
Андоновски – повеќе електронски услуги и помалку административни постапки
Андоновски посочи дека до крајот на август на Националниот портал биле достапни 338 електронски услуги, а следниот приоритет е тие да можат целосно да се завршуваат онлајн, без одење во институциите. Бројот на месечни трансакции на платформата за интероперабилност пораснал од 700 илјади во 2024 година на 1,4 милиони во 2025 година, а во 2026 година достигнал 5,2 милиони. Дополнително, централниот систем за електронско управување со документи и електронска архива (еДМС) го користат 44 институции, а најавено е приклучување на уште 20 во наредните месеци.
Над 90 милиони денари за вештачка интелигенција
Во областа на сајбер-безбедноста, Европската комисија го нотирала воспоставувањето на владиниот тим за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ГОВ-ЦИРТ), како и вложувањата во стручни капацитети и системи за заштита. Како една од клучните иницијативи Андоновски го издвои проектот „Безилка“, за кој Владата и Министерството вложуваат повеќе од 90 милиони денари, со цел развој на национална инфраструктура за вештачка интелигенција. Проектот треба да им овозможи на истражувачите, студентите и компаниите да развиваат и применуваат решенија со вештачка интелигенција, а во Извештајот се препознава и поврзувањето со европскиот екосистем преку партнерството со „Фарос“.

