Македонија

РОАМИНГ КАКО ДОМА: ЕК ги започна преговорите за вклучување на Западен Балкан во европската зона

РОАМИНГ КАКО ДОМА: ЕК ги започна преговорите за вклучување на Западен Балкан во европската зона

Европската комисија ги започна преговорите за вклучување на шесте земји од Западен Балкан во европската зона „Roam Like at Home“, со која граѓаните ќе можат да користат мобилни услуги без дополнителни трошоци за роаминг. Во преговорите се опфатени Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Тоа би значело дека граѓаните при патување меѓу земјите од регионот и Европската Унија ќе можат да телефонираат, испраќаат пораки и користат мобилен интернет по домашни цени. Преговорите се водат билатерално со секоја од земјите.

За приклучување кон европската зона, државите ќе треба целосно да ги усогласат своите правила со европските регулативи за роаминг. Откако ќе бидат финализирани договорите и ќе се исполнат потребните услови, Европската комисија ќе го покани Советот на ЕУ да ја прошири европската роаминг-зона. Засега не е утврден конкретен датум кога промената би стапила во сила.

Жан Митрев