Македонија

Муцунски: Извештајот на ЕК е подобар од ланскиот, нема назадување во ниту една област

Најновиот извештај на Европската комисија е објективен и дава реална слика за состојбите во Македонија на патот кон Европската Унија, а во ниту една од оценуваните области не е забележано назадување. Ова го истакна министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, кој оцени дека земјата бележи напредок во повеќе области, особено во надворешната, безбедносната и одбранбената политика, дигитализацијата, науката и образованието.

Муцунски: Извештајот на ЕК е подобар од ланскиот, нема назадување во ниту една област

Во гостување во емисијата „Тема на денот“ на телевизија „Сител“, Муцунски рече дека и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, потврдил оти извештајот содржински е подобар од претходниот.

„Извештајот и неговата содржина се во наш интерес и не треба да го гледаме како испорака кон меѓународна организација, како што е Европската Унија, туку како испорака кон нашите граѓани, бидејќи ова се навистина високи стандарди кон кои долги години сме инвестирале да ги постигнеме“, изјави Муцунски.

Тој посебно го нагласи високото ниво на усогласеност со заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, оценувајќи дека тоа е стратешки успех на државата, особено во актуелните геополитички околности.

Осврнувајќи се на забелешките за владеењето на правото и борбата против корупцијата, Муцунски рече дека резултатите не зависат само од извршната власт и донесувањето закони, туку и од ефикасноста на судството и обвинителството, особено во постапувањето по случаи на висока корупција.

„Не е само прашањето кои закони ќе се донесат, односно какви јавни политики ќе креира извршната власт, туку и прашањето дали обвинителството и судството, посебно во борбата против високата корупција, успеале да испорачаат резултати“, посочи министерот.

Во однос на новиот Кривичен законик и измените на Законот за кривична постапка, тој рече дека се работи на квалитетни законски решенија и дека целта не е законите да се донесат по секоја цена, туку по широка експертска и јавна дебата. Нагласи дека нема намера законикот да се држи во фиока, туку дека работната група го подобрува текстот за да се надминат проблемите во примената на актуелното законско решение.

Коментирајќи ги оценките на опозицијата дека станува збор за еден од најлошите извештаи за Македонија, Муцунски рече дека треба да се земат предвид оценките на европските претставници, а не партиските толкувања.

Тој се повика и на неодамнешната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која ги оценила како импресивни резултатите во спроведувањето на Реформската агенда. Според Муцунски, европските претставници препознаваат позитивна насока на реформите, иако земјата сè уште се соочува со сериозни предизвици.

Говорејќи за застојот на пристапниот процес, министерот посочи дека интеграцијата во ЕУ не е само технички, туку пред сè политички процес. Тој нагласи дека Македонија треба активно да ги спроведува реформите и да обезбеди предвидлива и сигурна рамка за продолжување на евроинтеграциите.

Во однос на отворените прашања, Муцунски рече дека секое решение мора да се заснова на јасно утврдени принципи и дека земјата не треба да влегува во процеси без да ги согледа нивните долгорочни последици.

„Мораме да најдеме решение и ќе работиме на тоа. Но нашиот императив не треба да биде решение по секоја цена“, порача Муцунски, додавајќи дека домашните реформи и решавањето на политичките прашања треба да се одвиваат паралелно.

Жан Митрев