Македонија
Дознај прв
ПУСТЕЦ ДОБИВА ВЕБ-СТРАНИЦА НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК: Општината ја прифати иницијативата на друштвото „Илинден“-Тирана
Општина Пустец во Албанија ја прифати иницијативата на друштвото „Илинден“-Тирана. Официјалната веб-страница ќе биде достапна и на македонски јазик.

Официјалната веб-страница на Општина Пустец во Албанија за првпат ќе биде достапна и на македонски јазик, покрај албанскиот. Општината го прифати барањето на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, кое се залага за почитување на јазичните права на македонското национално малцинство во земјата.
Барањето било доставено до општинските власти
Од Друштвото информираат дека позитивниот одговор следува по официјално барање упатено до градоначалникот, претседателот и членовите на општинскиот совет, како и по поднесена жалба до Комесарот за заштита од дискриминација и Народниот правобранител на Албанија. Иницијативата се темелела на Законот бр. 96/2017 за заштита на националните малцинства во Република Албанија, кој ги гарантира правата на малцинствата, вклучително и користењето на сопствениот јазик во комуникацијата со локалните институции во областите каде што традиционално живеат.
Полесен пристап до информации на мајчин јазик
Од „Илинден“-Тирана оценуваат дека воведувањето на македонскиот јазик на веб-страницата ќе овозможи подобро информирање на граѓаните, полесен пристап до јавните информации и подобра комуникација со локалните институции. Друштвото изразува благодарност до Комесарот за заштита од дискриминација за разгледувањето на жалбата и очекува позитивниот одговор на Општината да биде спроведен во практика. Од организацијата најавуваат дека ќе продолжат да се залагаат за почитување на правата на македонското национално малцинство и целосна примена на законодавството за нивна заштита во Албанија.
Извор: Нова Македонија

