Дознај прв
МЕСИ КАЗНЕТ ПОРАДИ УДАР ВО ГЛАВА: Ќе плати, но нема да биде суспендиран
Лионел Меси е казнет од МЛС поради удар со отворена дланка во главата на противникот. Нема да биде суспендиран и ќе може да игра.

Дисциплинската комисија донесе одлука
Лионел Меси е казнет од Дисциплинската комисија на МЛС поради инцидентот на натпреварот меѓу Интер Мајами и Филаделфија Јунион, кој заврши 2:2. Аргентинецот ќе мора да плати парична казна, но нејзината висина не е објавена, а нема да добие суспензија и ќе може нормално да настапува за својот тим. Меси е санкциониран поради кршење на правилото на МЛС кое забранува контакт со лицето, главата или вратот на противнички играч со рака. Инцидентот се случи во 101. минута, кога Меси со отворена дланка го удри играчот на Филаделфија, Квин Саливан, по задниот дел од главата и вратот.
Судијата не го забележал потегот
Судијата Филип Дујиќ не го виде моментот бидејќи во тој миг му бил свртен грбот, па Меси не доби картон на натпреварот. Случајот сепак беше разгледан од Дисциплинската комисија, која одлучи да го санкционира аргентинскиот фудбалер. Казнет е и неговиот соиграч Иан Фреј за одделен инцидент во истиот натпревар, исто така поврзан со недозволен контакт со главата или вратот на противнички играч. Ова не е прва ваква санкција за Меси во МЛС, бидејќи во февруари 2025 година беше казнет за сличен прекршок по натпреварот против Њујорк Сити.
